Вести

Милановиќ од Скопје: „Не дозволувајте да бидете жртва на изнуда за ЕУ членството“

Скопје, 7 мај – Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска престојуваше во официјална посета на Македонија, при што испрати силни пораки за поддршка, но и предупредување во однос на евроинтегративниот процес на земјава.

„Не сум тука да делам совети како семиња што ќе ги сеам наоколу, но сакам јасно да порачам – не дозволувајте да бидете жртва на изнуда кога станува збор за членството во Европската унија“, изјави Милановиќ по средбата со претседателот Стево Пендаровски.

Според хрватскиот претседател, Македонија веќе предолго чекала на својот пат кон ЕУ, и тоа не поради сопствени недостатоци, туку поради политички условувања што, како што рече, „не ѝ прилегаат на една сериозна Унија“.

„Сѐ додека има некој што е против, Македонија не може да оди напред. Тоа е реалноста, и тоа мора да се промени“, додаде Милановиќ, потсетувајќи дека Хрватска била и останува силен поддржувач на проширувањето на ЕУ на Западен Балкан.

Посетата на Милановиќ доаѓа во клучен момент за македонската надворешна политика, само неколку дена пред вториот круг од претседателските и парламентарните избори.

Хрватскиот претседател се сретна и со други државни функционери, а на прес-конференцијата беше нагласено дека двете земји имаат одлични билатерални односи и заеднички интерес за стабилност и просперитет во регионот.

 

Споделете