Додека најразвиените европски земји како Швајцарија, Германија и Шведска функционираат со 7 до 14 министерства, Македонија гордо маршира со цел полк – 26 министерства. Да, точно прочитавте. Дваесет и шест! Ако не знаевте каде се кријат нашите пари – ете ги, распоредени по кабинети, кабинети у кабинети и заменици на заменици.
Швајцарците, изгледа, не сфатиле дека за стабилна држава се потребни барем тројца министри за економија, четворица за култура и уште еден, онака, за сè друго – за „координација“. Хрватска има 20 министерства, Шпанија 17, па дури и Бугарија, со своите 19, изгледа скромно наспроти нашата влада во формат на фудбалска лига.
Во Македонија, министерската фотелја одамна не е алатка за управување – таа е трофеј. Политичките договори не се мерат во реформи или резултати, туку во број на фотелји и нови институции што ќе се измислат „по потреба“. Ако веќе имаме министер без ресор за привлекување инвестиции, зошто да немаме и министер за мотивација на дијаспората? Или, зошто не – министер за дигитална трансформација на фејсбук статуси?
Оваа бирократска суперкреативност нè става на мапата – не како пример за функционална држава, туку како куриозитет. И додека Скандинавците дебатираат за ефикасност и намалување на јавната администрација, кај нас се отвора уште едно ново министерство – веројатно за следење на бројот на другите министерства.
Во свет каде што сите се трудат да станат поскромни, поефикасни и подостапни, Македонија гордо стои како споменик на преголемата структура. Ќе речеш – не сме сиромашна држава со слаба економија и демографска криза, туку регионален центар за тренинг на министри.
И така, додека народот си заминува, економијата се мачи, а институциите се борат со основна функционалност – ние гордо можеме да кажеме: имаме повеќе министерства од кој било друг во Европа. На здравје нека ни се. И не заборавајте – уше едно министерство за здрав разум не би ни било на одмет.