Од срцето на Полог, денес беше означен почетокот на изградбата на новиот автопат Тетово – Гостивар, проект долг 18 километри што се најавува како дел од стратешките инвестиции во инфраструктурата на државата.
Од Владата порачаа дека ова е конкретен одговор на сите скептици – не со празни зборови, туку со реални проекти на терен.
Во своето обраќање, премиерот истакна дека Македонија, иако е земја без излез на море, има уникатна геостратешка позиција и потенцијал да биде дел од важни паневропски коридори. Коридорот 8, кој го поврзува Јадранското и Црното Море, заедно со Коридорот 10 и Коридорот 11, се посочени како клучни траси за економски развој и регионална интеграција, но и како важна алка во безбедносниот мозаик на НАТО.
„Кога градиме патишта, училишта, градинки, ние градиме иднина. Не сме заробеници на минатото, туку проектираме што ќе биде во 2027, 2028, 2030 година“, рече премиерот, нагласувајќи дека токму делата се оние што ги оставаат политичарите во колективната меморија на народот.
Осврнувајќи се на соработката со општините, тој упати благодарност до сите градоначалници – без разлика на партиската припадност – кои се вклучиле во повикот на Министерството за локална самоуправа и поднеле над 900 проекти во вредност од околу 16 милијарди денари. Според него, ова покажува висока ангажираност и одговорност на локалната власт.
Според најавите, паралелно со големите инфраструктурни зафати, Владата ќе продолжи и со финансирање на локални и регионални патишта, како и со други проекти од значење за секојдневниот живот на граѓаните. Моментално, низ целата држава се активни или започнати над 1.200 градежни локации – бројка што, според премиерот, нема историски преседан.
На свеченоста присуствуваа и претставници на Владата, американската амбасада, локалната самоуправа, како и компании и работници вклучени во реализацијата на проектот. Присутните истакнаа дека само преку вакви конкретни проекти може да се зборува за вистинска љубов кон татковината.