Александар Пандов по обидот за заплашување: „Обидите за заплашување нема да нè сопрат – продолжуваме посветено!“
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук испрати силна порака по сериозниот инцидент во кој, како што наведува, му бил запален домот. Пандов има основан сомнеж дека се работи за насочен напад од криминални структури, како реакција на неговите активности за расчистување со нерегуларностите во затворскиот систем.
„Ова е цената кога се удира по мафијата. Домот ми беше запален, но ова нема да ме запре – напротив, само не зајакнува!“, напиша Пандов, јасно ставајќи до знаење дека нема да дозволи вакви постапки да го поколебаат.
Во објавата истакна дека борбата за владеење на правото нема назад и дека очекува институциите да го пронајдат и казнат сторителот. Пандов додаде дека одговорните луѓе честопати се соочуваат со притисоци, но токму во такви моменти се покажува храброста и искрената посветеност на реформите.
„Никој не е над законот. Ќе продолжиме таму каде што застанавме – уште поодлучно и без компромиси со криминалот“, порача Пандов.
Објавата предизвика бројни реакции и поддршка од граѓани и јавни личности, кои го охрабруваат да истрае во мисијата за почист и поправеден систем.
Видео⬇️⬇️⬇️⬇️⬇️