Во Мелник, Бугарија, викендов се одржа голем народен собир посветен на 110-годишнината од смртта на Јане Сандански, истакнат македонски револуционер. Настанот собра Македонци од Бугарија и од други земји каде живее македонскиот народ, а присуствуваа и бројни гости од Македонија, меѓу кои и Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците Драган Ковачки и Никола Мицевски.
Настанот доби огромно внимание во бугарските медиуми, но не само поради историското значење. Особен фокус предизвика настапот на бугарската пејачка Василија Петрова, која настапи обвиена со знамиња на Македонија и Кутлеш, што кај дел од бугарската јавност предизвика бурни реакции.
Според бугарскиот медиум Топпреса, настапот на Петрова е оквалификуван како „предавство“, а на социјалните мрежи се појавија повици за одземање на нејзиното бугарско државјанство. Дел од коментарите ја обвинуваат пејачката дека настапила „против својата родна земја“, искажувајќи јавно македонски чувства.
На собирот се обрати и Стојко Стојков, копретседател на ОМО „Илинден – Пирин“, организација што со децении се залага за правата на Македонците во Бугарија. Во својот говор, Стојков порача дека Македонците треба да бидат единствени во борбата за своите права, истакнувајќи дека љубовта кон Македонија не значи омраза кон другите народи, туку повик за соработка и почит.
Фотографии и видеа од настанот брзо се проширија на интернет, отворајќи поширока дебата за положбата на Македонците во Бугарија, како и за слободата на изразување на националниот идентитет.
Настанот во Мелник уште еднаш ја покажа чувствителноста на прашањето за македонското малцинство во Бугарија и колку сè уште предизвикува силни емоции и полемики во бугарското општество.