Вести

Стевчо Јакимовски осуден на три и пол години затвор – пресудата објавена по повеќе од шест години судење

Основниот кривичен суд во Скопје денеска ја изрече првостепената пресуда во предметот против поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Судот го прогласи за виновен за две кривични дела: злоупотреба на службената положба и бесправно градење, и му изрече единствена казна затвор во траење од три години и шест месеци.

Заедно со Јакимовски, обвинет беше и поранешен вработен во општината, кој доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело.

Според обвинението, Јакимовски како тогашен градоначалник постапувал спротивно на Законот за градење и без одобрение изградил административен објект на локалната самоуправа, за кој подоцна поднел барање за легализација. Дополнително, тој се товари дека учествувал и во незаконска продажба на државно земјиште по цена пониска од пазарната, со што, според обвинителството, му нанел штета на буџетот на општината во износ над 14,6 милиони денари, а на државниот буџет над 31 милион денари.

Судијата кој ја објави пресудата потенцираше дека постапката траела прекумерно долго – повеќе од шест години – и ја изрази својата загриженост поради тоа. Истовремено, дел од обвинението беше отфрлено поради застареност, како последица на измените во Кривичниот законик.

Во делот што се однесува на бесправното градење, судот утврди дека Јакимовски го прекршил законот со изградба на објект на улицата „Радика“ бр. 9 без потребна документација, по истекот на законскиот рок за такви активности. Иако за ова дело законската казна изнесува од три до осум години, судот одмери една година затвор, имајќи ја предвид намената на објектот и досегашната пракса во слични случаи.

Изградената зграда, која служела како административен објект на општината, е конфискувана и преминува во сопственост на државата.

Пресудата сè уште не е правосилна. Јакимовски, кој од почетокот на судскиот процес тврди дека е невин, има право на жалба пред Апелациониот суд.

Споделете