Вести

Мицкоски: Реформите во правосудството се прв приоритет, време е за конкретни резултати

Премиерот Христијан Мицкоски во денешната објава на својот официјален Facebook профил испрати силна порака за нужноста од суштински и храбри реформи, нагласувајќи дека државата се наоѓа на „критична раскрсница“ – меѓу комфорната стагнација и потребата за темелни промени.

Мицкоски подвлече дека Планот за раст и Реформската агенда не се само административни чекори на патот кон Европската Унија, туку клучен инструмент за оздравување на целото општество. Според него, корупцијата во земјава не е инцидентна, туку системски вградена и самозаштитена структура што ги притиска граѓаните да „платат за да добијат“.

„Без деполитизирано судство, без отчетни институции и без храбри обвинители и судии, не можеме ниту да зборуваме за европска иднина“, истакна премиерот, најавувајќи ја правдата како врвен приоритет на Владата.

Во продолжение, Мицкоски се осврна и на економските и социјалните предизвици, истакнувајќи дека напредокот е возможен само со стабилна економија и социјална политика која никого не исклучува. „Реформите ќе успеат само ако ги водиме со поддршка од домашните претприемачи, со фер плати и еднакви услови за сите на пазарот“, порача тој.

Премиерот најави и продлабочување на соработката со граѓанскиот сектор преку дијалог, финансиска поддршка и институционални промени што ќе обезбедат вистинско учество на граѓаните во креирањето политики.

„Историјата нема да нè мери по зборовите, туку по делата. Време е за конкретни резултати и градење држава со вистински вредности“, заврши Мицкоски.

Оваа објава доаѓа во период кога Владата најавува сериозни чекори во борбата против корупцијата и во реформите на институциите, а јавноста очекува да види дали ветувањата ќе се преточат во реални и одржливи промени.

Споделете