„Кога го сакаш градот – успесите се природна последица“
Митко Јанчев – човекот кој го препороди Кавадарци, успешен бизнисмен, градоначалник со два мандати и име кое често се споменува како симбол за чесно и ефикасно водење. Во ексклузивно интервју за „Аеродромци“, одговара искрено и непосредно – за љубовта кон татковината, за бизнисот, политиката и што навистина значи да се биде лидер со визија.
АЕРОДРОМЦИ: Градот Ви цвета, а граѓаните често ве спомнуваат како пример за успешен градоначалник – што мислите, што е тајната на овој успех?
МИТКО ЈАНЧЕВ: Најважно е да си го сакаш од срце родното место. Љубовта кон моето Кавадарци е почетокот на сите успеси. Секако и многу домаќинско работење, организирани служби и тим кој сложно работи.
АЕРОДРОМЦИ: Кавадарци денес е препознатлив по уредениот центар, новата инфраструктура и културните настани – кој проект Ви е најблиску до срце?
МИТКО ЈАНЧЕВ: Тешко прашање. За сите проекти, дури и за мали интервенции, обрнувам внимание и се радувам на успехот. Во овие два мандати реализирани се голем број на капитални проекти. Можам да кажам дека најмногу сум горд на некои проекти за кои се чекало години и години да бидат реализирани или да се најде решение.
АЕРОДРОМЦИ: Како човек што стои зад успешна компанија како „Кожувчанка“, како гледате на македонскиот бизнис-амбиент денес? Што ве одржува во форма?
МИТКО ЈАНЧЕВ: Ме радува што голем број млади се одлучуваат да почнат свој бизнис. Младите се желни за иновативност и предизвици. „Кожувчанка“ е синоним за континуирана успешна работа. Работиме напорно, чесно и успешно.
АЕРОДРОМЦИ: Колку искуството од приватниот сектор Ви помогна да го водите градот поефикасно – има ли нешто што сте научиле од бизнисот, а денес го применувате во општината?
МИТКО ЈАНЧЕВ: Доброто менаџирање на тимот со кој работам. Можеби тоа е нешто што имам наследено од мојата компанија. Менаџирањето со моите соработници. Од тука почнува сè што понатаму ќе донесе успех.
АЕРОДРОМЦИ: Познати сте и по донации, поддршка на локални школи, спортски клубови, па дури и по некој анонимен хуман гест. Од каде таа потреба да се вложува назад во заедницата?
МИТКО ЈАНЧЕВ: Едноставно чувството е убаво. Би биле уште поубаво и посреќно општество кога сите кои се во можност би го правеле тоа, би издвоиле од својот профит за нашиот град, за нашата држава, за поединци на кои навистина им е потребна помош.
АЕРОДРОМЦИ: Во јавноста често велите дека не се плашите од работа. Како се носите со критиките, притисоците и очекувањата – што Ве движи напред?
МИТКО ЈАНЧЕВ: Критики секогаш ќе има, и тоа е добро. Притисокот најчесто си го создавам самиот кога си поставувам рокови сам на себе. Но тоа е мојот карактер и всушност тој притисок ме движи напред. Кавадарци може да биде и уште поубаво.
АЕРОДРОМЦИ: Граѓаните честопати се прашуваат – дали Јанчев ќе оди на нов мандат, или можеби ќе го видиме и на „поголема сцена“? Какви се вашите планови?
МИТКО ЈАНЧЕВ: Како што кажав. Кавадарци може да биде и уште поубаво. Заедно со мојот тим, заедно со кавадарчани, имаме уште неколку важни проекти за реализација, имаме уште неколку чекори до прекрасно Кавадарци.