Мицкоски во Дубаи: Средби со глобални инвеститори, разговори за проекти во Македонија
Во рамки на неговата официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, премиерот Христијан Мицкоски оствари низа значајни средби со некои од највлијателните имиња во светот на глобалните инвестиции и одржливиот развој.
Меѓу најважните средби се издвојува онаа со Мохамед Алабар, основач и управен директор на компанијата Eagle Hills, позната по нејзините инвестиции во недвижности во Албанија, Унгарија и Србија. Се работи за приватна компанија со седиште во Абу Даби, која има амбициозен растечки портфолио во регионот и пошироко.
Премиерот се сретна и со Мохамед Хасан Ал-Суваиди, директор на Abu Dhabi Developmental Holding Company (ADQ) – еден од десетте најголеми суверени фондови во светот според обемот на инвестиции. ADQ се позиционираше како клучен глобален инвеститор, со забележителен договор вреден 35 милијарди американски долари за развој на Рас ел-Хекма во Египет – најголемиот договор за странски инвестиции во историјата на таа земја.
Посебна тежина има и средбата со Мохамед Јамеел Ал Рамахи, извршен директор на Masdar, водечка светска компанија во областа на обновливите извори на енергија. Masdar, која има проекти во над 40 земји, игра клучна улога во енергетската транзиција на глобално ниво и ја позиционира ОАЕ како лидер во оваа област.
„Со сите овие компании разговаравме за проекти, можности и планови за инвестирање во Македонија. Нашата држава доцни во лобирањето за да се најде на инвестициската мапа на овие светски економски гиганти, но даваме сè од себе за да обезбедиме иднина и просперитет за нашите граѓани“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој нагласи дека е претставен цел спектар на можности за инвестирање во Македонија, а комуникацијата со компаниите продолжува. Според него, ангажманот не запира тука – напротив, следува фаза на продлабочување на контактите и реализација на конкретни иницијативи.
Премиерот посочи дека овој тип на директна комуникација со глобални инвеститори е од клучно значење доколку Македонија сака да стане дел од сериозните економски текови во светот и да обезбеди долгорочен раст и развој.