Кочани, 16 април 2025 –
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) ја започна својата најнова едукативна кампања со силна порака и уште посилна симболика – од Кочани, град кој во последниот период го носеше товарот на една од најтешките трагедии во поновата македонска историја.
Со оваа иницијатива, Агенцијата става фокус на проширување на учеството во програмата Еразмус+, посебно меѓу основните и средните училишта, како и јавните институции ширум земјата. Кампањата предвидува обуки, информативни сесии и активности на терен, со цел да се зголеми знаењето и капацитетот за меѓународна соработка и да се унапредат образовните практики.
„Кочани не е случаен избор. Тоа е порака – дека не забораваме и дека градиме иднина токму таму каде што е најпотребно,“ рече директорот на НАЕОПМ, д-р Петар Богојески, за време на посетата на градот.
Во ист дух, Богојески донесе конкретна одлука која веќе предизвика позитивни реакции – средствата предвидени за репрезентација (оброци, пијалаци и слични трошоци) за месец април ќе бидат пренаменети за набавка на училишен прибор за ученици од едно општинско училиште во Кочани. Според него, оваа практика ќе стане постојана, а репрезентативниот буџет на Агенцијата отсега ќе служи како директна поддршка за ученици и училишта низ цела Македонија.
„Парите што порано одеа на кафе и ручеци, отсега ќе завршуваат таму каде што најмногу значат – во рацете на учениците,“ нагласи Богојески.
НАЕОПМ ги охрабрува сите заинтересирани институции да се информираат за можностите што ги нуди Еразмус+ програмата, како и за начинот на акредитација и аплицирање, преку официјалната веб-страница: www.na.org.mk
Новата кампања не само што отвора врати кон Европа за многу млади луѓе, туку и испраќа важна порака: образованието не е трошок, туку највредната инвестиција.