Мицкоски од Дубаи: Ги отвораме вратите за арапски инвестиции во Македонија

Мицкоски во ОАЕ: Очекувања за зајакнување на економската соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, заедно со делегација од Владата и неговиот кабинет, од денес е во официјална посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Посетата ќе трае до четврток, а премиерот изрази очекување дека следните денови ќе донесат плодни и успешни средби, насочени кон продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.

Првата средба се одржа денес со претседателот на ОАЕ, а Мицкоски ја оцени како „исклучително квалитетна и пријателска“. Во разговорот, двајцата лидери ја истакнале потребата од поблиски билатерални односи и засилена економска размена.

„Го поканив Неговото височество да ја посети Македонија, а бизнис заедницата на ОАЕ да ги разгледа можностите за инвестиции кај нас – особено во туризмот, инфраструктурата, енергетиката и земјоделството“, изјави Мицкоски.

Во рамки на посетата, планирани се и средби со стопанските комори на Дубаи, Абу Даби и Шарџа, како и разговори со компании кои имаат присуство во регионот и интерес за инвестирање во Македонија.

Оваа посета претставува чекор кон интензивирање на економските врски меѓу Македонија и ОАЕ, со фокус на директни странски инвестиции и отворање на нови можности за домашната економија.

Споделете