„Абецедарот“ – првиот македонски буквар, сведоштво за еден јазик што не може да се избрише

„Абецедарот“ – првиот македонски буквар, сведоштво за еден јазик што не може да се избрише

Во 1925 година, во срцето на Атина, се појавува една скромна, но историски значајна книга – „Абецедарот“. Првиот македонски буквар, отпечатен за децата од Егејска Македонија, пишуван на јазикот што не се учел во училишта, туку се пренесувал од уста на уста – во домови, по маала, на ниви и на софри.

Овој јазик, денес познат како македонски, тогаш не бил официјално признат. Но бил жив. Го зборувале нашите баби и дедовци, без граматички правила и академски дискусии, туку со душа и чувство. И токму затоа, денес, кога ќе го отвориме „Абецедарот“, ние го разбираме. Зашто тоа е нашиот јазик. Нашето наследство.

Интересно е што Бугарите, кои често тврдат дека македонскиот јазик е „вештачка творба“, не можат да го разберат овој стар македонски од 1925-та. А ние, без превод, без објаснување, веднаш го чувствуваме како свое. Зашто сме потомци на тие луѓе за кои бил пишуван букварот.

„Абецедарот“ не е само училишна лектира. Тој е доказ. Тивок, но гласен. Документ за нашата самобитност, за постоењето на македонскиот јазик уште пред да биде институционализиран. Пред 1944 година, пред кодификацијата, пред државата.

Кратка историја на „Абецедарот“

„Абецедарот“ бил создаден како дел од обврските на грчката држава кон малцинствата, по Лозанскиот договор од 1923 година. Под притисок на Лигата на нации, Грција се согласила да отпечати буквар за децата Македонци во северниот дел на земјата. Но наместо на кирилица, букварот бил отпечатен на латиница, со цел да се избегне поврзување со словенските народи и особено со бугарското влијание.

И покрај ова, содржината на „Абецедарот“ е недвосмислено македонска – и по јазик, и по дух. Напишан е на дијалект близок до леринско-битолскиот, со зборови и изрази што и денес се користат во многу македонски села.

Иако букварот бил отпечатен, тој никогаш не бил ставен во реална употреба. Наместо тоа, бил скриен, уништен или заборавен – се додека некои примероци не беа откриени децении подоцна, како сведоштво за нешто што не може да се избрише.

Ние не треба да објаснуваме кои сме.
Нашиот јазик зборува за нас.

 

Споделете