ХАОТИЧНОТО ГРАДЕЊЕ ВО СКОПЈЕ: ГРАДОТ СТАНУВА БЕТОНСКА ЏУНГЛА
Аеродромци
Во последните години, Скопје сѐ повеќе ја губи својата душа под налетот на бетонскиот хаос. Урбанистичкиот хаос кој неконтролирано се шири низ сите населби го претвори главниот град во нефункционална, загушлива и нехумана средина. Се гради агресивно, без план, без визија, и што е најстрашно – без милост за жителите.
Зграда до зграда – без здив, без поглед, без живот
Најсуровиот пример за ова урбанистичко безредие се гледа во општините Аеродром, Кисела Вода, Центар, па дури и Карпош – кои некогаш беа симбол на урбано живеење. Денес, стануваат бетонски тврдини, каде од едната спална соба гледаш во другата – од соседната зграда. Меѓу просторот што порано се нарекуваше “двор”, денес нема ни паркинг, ни зелена површина, ни светлина.
„Во нашата зграда едвај има сонце два часа на ден. Новата зграда ни го закри цел поглед. Во јуни е мрак во дневната соба како да е ноември“, вели револтирана жителка на населбата Тафталиџе.
Нереално високи цени за нереално лоши услови
И додека условите за живот се сѐ полоши, цените на квадратниот метар достигнуваат астрономски нивоа. Се продаваат станови по 2.000, 2.500 па и над 2.700евра за квадрат – често во објекти што се градат на минијатурни парцели, со минимална оддалеченост меѓу зградите и со сомнителни дозволи.
„Се чини дека кај нас повеќе вреди дозволата за градба отколку самиот имот. А некои инвеститори очигледно имаат дозвола за сѐ“, вели урбанист кој сакаше да остане анонимен.
Хуманото живеење – одамна заборавен поим
Урбанистичкото планирање во Скопје е сѐ, само не хумано. Пешаци и деца нема каде да поминат, нема простори за игра, нема доволно училишта или градинки за новодојдените жители. Автомобилите се паркираат по тротоари, зеленилото исчезнува, а сообраќајот е постојано закочен.
Кој ја сноси одговорноста?
Дали е ова резултат на корупција, нестручност или свесно уништување на градот за брза заработка? Јавноста сѐ погласно бара одговори. Но институциите молчат, или префрлаат одговорност. Општините тврдат дека делуваат по урбанистички планови, но не кажуваат зошто тие планови дозволуваат уништување на јавниот интерес.
Има ли надеж?
Надежта ја носат активистите, невладините организации и самите граѓани кои почнуваат да се организираат, да се жалат, да протестираат. Во неколку случаи, под јавен притисок, успеаја да стопираат или изменат штетни планови.
Но, додека институциите не застанат на страната на јавниот интерес, а не на страна на профитот – Скопје ќе продолжи да се дави во бетон. И ќе станува сѐ понеудобно место за живеење, особено за идните генерации
Видео за реалноста👇