СКОПЈЕ ГО ЈАДАТ СТАОРЦИТЕ: ХИГИЕНАТА ВО ГРАДОТ НА НАЈНИСКО НИВО ДОСЕГА
Пишува: Аеродромци
Додека градските власти се фокусираат на фестивали, реконструкции и популистички потези, центарот на Скопје секојдневно се претвора во арена на преживување — не за луѓето, туку за стаорците. Низ улиците околу Рекорд, плоштадот Македонија и Дебар Маало, сè почесто се забележуваат огромни глодари, кои без страв се движат меѓу минувачите, дури и преку ден.
Станува збор за стаорци од кои и мачките бегаат. Скопјани сведочат дека животните се толку големи, што повеќе не е реткост да се видат како роварaт по канти, прескокнуваат контејнери и се шетаат низ паркови и скверови како да се господари на градот.
„Мачката секогаш стои на тераса и внимава, ама кога ќе се појави некој од тие големи, си бега внатре. Не сум верувала дека ќе видам вакво нешто во центарот на Скопје,“ вели една жителка на улицата Орце Николов.
Хигиената е на најниско ниво досега — преполни канти, разнесено ѓубре, запуштени јавни површини. И покрај тоа што оваа ситуација е алармантна, реакциите од надлежните се минимални или не постојат. Наместо активна дератизација и сериозна стратегија за решавање на проблемот, добиваме тивки соопштенија и формални извештаи.
Ова не е прашање на естетика, туку на јавно здравје. Стаорците се преносители на бројни болести, а присуството на вакви животни во урбана зона е знак дека нешто длабоко не функционира во системот за одржување на градот.
Ако вака продолжи, Скопје нема да биде град на солидарноста, туку град на стаорците. Потребна е итна реакција, пред состојбата целосно да излезе од контрола.
Изјави од експерти: „Стаорците се симптом, болеста е нефункционалниот систем“
„Стаорците се преносители на болести како лептоспироза, салмонела, па дури и туберкулоза. Присуството на вакви животни во густо населен градски простор укажува на сериозни хигиенски пропусти. Скопје итно треба да спроведе вонредна дератизација и системски да пристапи кон решавање на проблемот со отпадот,“ вели Јовановска.
Слично мислење има и урбанистот и активист Александар Буровски:
„Градот станува нефункционален на основно ниво. Кога ќе дојде момент да зборуваме за стаорци како главен проблем, тоа значи дека хиерархијата на приоритети е сосема изместена. Ова не е само вина на една администрација – години наназад, институциите ја запоставуваат основната инфраструктура: отпад, канализација, одржување на јавни површини. Стаорците се само симптом, болеста е нефункционалниот систем.“
Реакции од граѓани: „Скопје не е главен град, туку главно гнездо за стаорци“
На социјалните мрежи се појавуваат сѐ повеќе видеа и фотографии од стаорци во центарот на градот. Коментарите се полни со фрустрација, гнев и разочараност.
„Синоќа пред ‘Веро Џамбо’ гледав стаорец поголем од зајак. Луѓето само ја забрзаа чекорот, никој веќе не се чуди,“ пишува една скопјанка на Твитер.
„Децата ми се плашат да одат сами до продавница. Во Дебар Маало веќе не е прашање дали ќе видиш стаорец, туку колку ќе видиш во еден ден,“ стои во коментар на Фејсбук-група посветена на локални проблеми.
„Скопје не е главен град, туку главно гнездо за стаорци. А градските власти се однесуваат како да е сѐ во најдобар ред,“ напиша еден корисник на Инстаграм, споделувајќи видео од стаорец пред канта за отпад.
Некои граѓани дури започнуваат иницијативи за собирање потписи и испраќање барања до Град Скопје за итна и транспарентна акција. Но, скепцизмот е сѐ поголем – велат, ако нема реакција ни на вакви слики и видеа, тогаш веројатно и надежта е веќе изглодавена.
ВИДЕО 👇