Семејството исфрлено од болница, пријателите бараат одговорност

Скопје, 10 април 2025 – Пациент со пукната аорта почина откако, според сведоштвата на неговото семејство и пријатели, институциите не му пружиле навремена и неопходна здравствена помош. Случајот во јавноста го сподели неговиот пријател Ацо Николовски, кој преку објава на социјалните мрежи упати остри критики до здравствениот систем и повика на одговорност.

„Го носат во Државна кардиохирургија – таму сите операциони сали, наводно, биле во реновирање. Го пренасочуваат во Клиниката ‘Филип Втори’, каде што со уредна документација не го примаат, со образложение дека квотата за пациенти преку Фондот е надмината. Приватно можело – но за илјадници евра. Пациентот почина без да добие интервенција,“ сведочи Николовски.

Според неговото тврдење, и покрај тоа што пациентот бил во критична состојба, институциите не реагирале соодветно. Уште пошокантно, семејството на пациентот било исфрлено од државната кардиохирургија на груб начин, а за настанот, велат, постојат и видео снимки.

„35 години плаќал здравствено осигурување. Некој земал плата од неговите придонеси, а кога му беше најпотребна таа помош – го оставија. Ни по закон, ни по совест, ни по вера не е ова. А уште помалку – по човечност,“ напиша Николовски.

Барањето за правда е упатено до Министерството за здравство и премиерот на државата, со надеж дека случајот ќе биде темелно истражен и дека ќе се утврди институционална одговорност.

Засега нема официјална реакција од надлежните институции, ниту изјава од болниците вклучени во случајот. Јавноста е вознемирена, а најблиските на починатиот очекуваат правда.

Извор:facebook објава👇 https://www.facebook.com/share/p/1HD5NvMNcB/

Фото принтакрин

Споделете