Филипче од Брисел: Проширувањето на ЕУ е геополитичко прашање – потребна е активна улога на европските социјалдемократи

Претседателот на СДСМ Филипче во Брисел побара европските социјалдемократи да помогнат за проширувањето на ЕУ.

Процесот на проширување на Европската Унија не е само механичко прилагодување на законите или административно исполнување на критериумите за пристапување, туку и процес од геополитичко значење.

Ова го истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во своето обраќање на конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д „Вили Брант“ за проширување на ЕУ“, која се одржа во Брисел.

Филипче, во својот говор, нагласи дека во период на динамични геополитички промени, повеќе од било кога е потребна социјалдемократијата како идеологија која нуди приоритет на трансатлантската солидарност, социјалната еднаквост и демографскиот интегритет.

Никаде оваа визија не е повитална како на Балканот и во Северна Македонија, која претставува раскрсница на европските аспирации и современата геополитичка ранливост. Затоа, потребна е сеопфатна социјалдемократска агенда за процесот на проширување. Процесот на проширување не е само механичко прилагодување на законите или административно исполнување на критериумите за пристапување, тој е прашање на надворешно политичко и геополитичко значење, рече Филипче.

Во својот говор, Филипче нагласи дека е неопходно ПЕС и групата СД во Европскиот парламент да преземат активна улога во процесот на проширување на Европската Унија. Според Филипче, социјалдемократските партии треба да предложат целосна и амбициозна агенда која ќе го забрза процесот на интеграција, обезбедувајќи демократска стабилност и напредок во регионот.Тој подвлече дека сеашниот застој за проширување не е само техничко или административно прашање, туку има многу пошироки и опасни последици по демократскиот развој на земјите кандидатки.

🔗 https://sdsm.org.mk/soopstenija/94309

Споделете