Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска упати критики кон лидерот на Левица, Димитар Апасиев, нарекувајќи го „новиот Артан Груби“, алудирајќи на спорни зделки со деловен простор.

Во соопштение до јавноста, од партијата потсетуваат на случајот со објектот што семејството на поранешниот вицепремиер Артан Груби го стекнало за околу 100.000 евра, иако, според проценка на банката, вредноста на имотот била 200.000 евра.

„Истата шема ја гледаме и кај Димче Апасиев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, алудирајќи на купопродажбата на деловен простор од 409 квадратни метри во центарот на Скопје, на улицата позната како „Адвокатска“. Станува збор за имот кој, според договор од ноември 2024 година, партијата Левица го купила за 295.000 евра со ДДВ – или по 721 евро за метар квадратен.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека според проценката на Град Скопје, вредноста на објектот изнесува 1.150 евра по метар квадратен, а платениот данок изнесувал околу 739.000 денари.

„Очигледно е дека Апасиев, исто како и Груби, има мерак да купува бизнис-имот во центарот на Скопје за џабе“, стои во реакцијата.

Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува Левица дека е „спаринг партнер“ на поранешната власт, предводена од СДСМ и ДУИ, алудирајќи дека зад сцената постои политичка блискост и соработка.

 

Споделете