Премиерот Христијан Мицкоски јавно реагираше на социјалните мрежи по објавувањето на пресудата за убиството на 22-годишната Теодора Ристевска од Тетово, изразувајќи незадоволство од, како што рече, „понижувачката“ казна за сторителот.
Во својата објава, Мицкоски оцени дека ваквата пресуда не претставува правда, туку „системско потфрлање“ и побара преоценување на одлуката. Тој нагласи дека како премиер, но и како човек и татко, не може да молчи пред вакви случаи.
„Тоа не е правда. Тоа е системско потфрлање,“ напиша Мицкоски, додавајќи дека институциите мора да ја вратат довербата кај граѓаните и да обезбедат правична и правовремена правда.
Случајот со Теодора Ристевска предизвика силни реакции во јавноста, при што голем дел од граѓаните, граѓански организации и јавни личности ја осудија изречената казна како несоодветна во однос на тежината на делото.
Правосудниот систем повторно се наоѓа под лупа, додека расте притисокот врз надлежните институции да реагираат и да обезбедат фер судење и вистинска правда за жртвите и нивните семејства