Судијата Ељведин Ферати, кој денеска донесе пресуда од две години затвор за возачот Менсур Пајазити — обвинет за сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Теодора Ристевска — е истиот кој лани беше фатен дека самоволно си ги поправал оценките на факултет за да добие повисок просек.
Имено, на крајот на 2023 година, Државниот просветен инспекторат откри дека Ферати во Матичната книга на Правниот факултет при Државниот тетовски универзитет (ДУТ) пречкртал и поправил три оценки во својата евиденција. Во ниту еден од тие случаи немало официјални пријави за преполагање, ниту барања или докази за повторно полагање на испитите.
Со променетите оценки, Ферати се пријавил на Академијата за судии и јавни обвинители, наведувајќи лажна просечна оценка од 8,20, иако неговиот вистински просек бил 7,88. Скандалот изби по проверките што ги направи Инспекторатот по налог на Антикорупциска комисија.
И покрај ваквите сознанија, Ферати не се соочи со никакви последици — напротив, продолжи да ја извршува функцијата судија, а отворањето на предистрагата од страна на Обвинителството не донесе никаква разрешница.
Овој факт повторно излезе на површина денеска, откако јавноста бурно реагираше на пресудата за Пајазити, кој првично доби три и пол години затвор, но со одлуката на Ферати, казната му беше намалена на само две години. Семејството на Теодора ја напушти судницата револтирано уште додека траеше рочиштето. Нејзината сестра и татко не ги криеја емоциите и го нарекоа случајот „брука за правдата“.
Реакциите не стивнуваат, а јавноста поставува прашања — не само за судската одлука, туку и за интегритетот на оние кои треба да ја спроведуваат правдата.