Со голема тага денеска ја примивме веста дека во Литванија почина Александар Гавриловски, 29-годишен млад човек кој беше меѓу најтешко повредените во пожарот што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани. Александар им подлегна на повредите по скоро три недели борба за живот, откако беше префрлен на лекување во странство.
Веста ја потврди министерот за здравство Арбен Таравари, кој информираше дека Гавриловски починал денеска околу 11 часот, откако вчера бил ставен на хемодијализа поради нагло влошување на состојбата. Според лекарите, тој имал 35% изгореници од трет степен и уште од самиот почеток бил во критична состојба.
Александар беше првично згрижен во скопската болница „8 Септември“, од каде што на 17 март беше испратен на понатамошно лекување во Литванија, како дел од напорите за спас на потешко повредените во оваа трагедија.
Со неговата смрт, бројот на жртви од кобниот пожар се искачи на 61. Меѓу нив, за жал, има и шест деца. Од вкупно 193 повредени, 25 се деца. Трагедијата што ја потресе цела Македонија остави длабоки лузни не само кај семејствата на жртвите, туку и кај целото општество, кое со денови живее во болка, гнев и неизвесност.
Александар Гавриловски нема да биде заборавен. Неговото име сега стои како симбол на младоста што не доби шанса да продолжи, на животот што згасна прерано, и на една колективна болка што допрва ќе бара одговори.
Вечна му слава и искрено сочувство до неговите најблиски.