Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, најави дека неговата партија подготвува кривична пријава против премиерот Христијан Мицкоски, поради, како што вели, попречување на правдата во врска со постапката за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија.
Во објава на својот официјален Фејсбук профил, Апасиев наведе дека правниот тим на Левица работи на пријава за кривично дело против правосудниот систем – попречување на правдата, предвидено во член 369-а, став 5 од Кривичниот законик.
„Постојат разумни основи за сомневање дека постапката за разрешување на Јавниот обвинител е намерно стопирана со цел да се влијае врз истрагата и да се заштитат поединци блиски до ДПМНЕ кои тогаш биле на јавни функции,“ посочи Апасиев. Според него, станува збор за случај поврзан со трагичниот пожар во дискотека во Кочани, по кој, како што тврди, следи обид за политичко прикривање на одговорноста.
Апасиев најавата за пријавата ја упати и јавно на последната собраниска седница за пратенички прашања, каде што имаше вербален судир со премиерот.
Од Владата и од кабинетот на премиерот сè уште нема официјална реакција по најавите од страна на Левица.
Останува да се види дали поднесувањето на пријавата ќе има правна разврска, или ќе остане во рамките на политичката реторика што ја засилува тензијата на домашната сцена.