Вести

Русија со тешки човечки загуби во војната со Украина – Над 900.000 војници надвор од строј, тврдат од НАТО

БРИСЕЛ – Руската армија од почетокот на инвазијата врз Украина загубила над 900.000 војници, од кои околу 250.000 се убиени, тврдат високи претставници на НАТО. Според информации објавени на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата, овие бројки се базираат на проценки од западни разузнавачки извори.

Како што пренесува германскиот медиум Дојче веле, голем дел од преживеаните војници се со сериозни повреди, при што многумина остануваат со трајни последици поради, како што се наведува, недоволна и неквалитетна медицинска грижа во руските воени редови.

Според официјалниот претставник на НАТО, руските сили секојдневно трпат човечки загуби – над илјада војници дневно се убиени или повредени. И покрај тоа, Кремљ успева да одржи рамнотежа преку континуирана мобилизација и регрутирање нови борци, што им овозможува да го задржат моментумот на фронтот.

„Не постојат индикации дека Русија планира прекин на огнот. Не гледаме промена во нејзините цели – напротив, се забележува зголемена воена активност и обиди за искористување на слабостите во украинската одбрана“, изјави официјалниот претставник.

И покрај огромните загуби, руската страна засега успева да ја задржи иницијативата на фронтот, а украинските сили, според извештајот, се соочуваат со сериозен недостаток на ресурси и поддршка.

Овие наводи доаѓаат во период кога во Брисел се одржуваат клучни разговори за идната стратегија на НАТО во однос на поддршката за Украина и одржувањето на стабилноста во регионот.

Споделете