ВМРО-ДПМНЕ: Законите мора да важат за сите подеднакво

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека борбата против криминалот останува еден од нивните врвни приоритети, нагласувајќи дека нема да има селективност во спроведувањето на законите. Тие посочуваат дека секој што ќе се огреши пред законот ќе одговара, без разлика на политичката припадност или позицијата што ја извршува.

„Законот мора да важи за сите подеднакво. Без разлика дали се работи за член на ВМРО-ДПМНЕ, на СДС или дури за лице од обезбедувањето на премиерот. Времето на заштитени криминални структури завршува“, велат од партијата.

Од таму потсетуваат на случаи од минатото, обвинувајќи ја СДСМ дека за време на нивното владеење затворала очи пред криминалните активности на поединци блиски до нив. Споменуваат примери на насилство и злоупотреби кои, според нив, останале неказнети.

„Денес, наместо да ја поздрават работата на институциите во борбата против криминалот, СДС реагира само за да каже нешто, без реални решенија или доследна политика. Тие молчеа кога улиците на Скопје беа под контрола на мафијашки кланови, но сега им смета кога конечно се постапува согласно законот“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата истакнува дека ќе продолжи со, како што велат, бескомпромисната борба против корупцијата и злоупотребите, нагласувајќи дека тоа е еден од клучните проблеми со кои се соочува македонското општество.

Споделете