Денеска ја одржавме втората седница на Советот за реформа на јавната администрација, прва во овој состав, откако ја донесовме новата Стратегија за реформа. Јавната администрација не е само механизам за спроведување на закони и политики, туку е лицето на државата и одраз на нејзината ефикасност.
За жал, сведочевме на слабости, партизираност и недоволна компетентност во изминатите години, но тоа мора да се промени. Нема веќе седење дома и земање плата. Се бориме за професионална администрација каде што вработувањата и унапредувањата ќе бидат засновани на знаење, вештини и резултати, а не на партиски влијанија. Ќе воведеме транспарентни критериуми за селекција и континуирана евалуација, со што ќе обезбедиме само најдобрите да бидат дел од институциите.
Администрацијата мора да биде дигитализирана, ефикасна и фокусирана на услугите за граѓаните. Ќе инвестираме во нови дигитални алатки, ќе ја унапредиме етичката одговорност и ќе обезбедиме постојани обуки за усовршување на службениците. Професионалец не е само оној што знае, туку и оној што работи одговорно и транспарентно. Квалитетната администрација значи мотивирани и задоволни службеници со фер плати и можности за напредок врз основа на заслуги. Време е администрацијата да стане вистински сервис за граѓаните и двигател на развојот!