Владата усвои програми за култура и јавен превоз: Театри, библиотеки и еколошки автобуси во фокусот за 2025 година
На денешната владина седница беа усвоени две значајни информации поврзани со развојот на културната инфраструктура и унапредување на јавниот превоз во земјата.
Во рамки на Програмата за изградба и реконструкција на културни објекти за 2025 година, Министерството за култура и туризам предвидува инвестиции во 11 проектни активности. Дел од овие проекти се изградбата на нов објект кој ќе го делат театарот и библиотеката во Тетово, довршување на објектот на Турскиот театар во Скопје, како и изградба на Стар Театар во Струмица. Исто така, ќе продолжат градежните активности за реконструкција на театарот во Куманово, а предвидено е и започнување со адаптација на поранешното кино „Партизан“ во Битола, кое ќе се интегрира во рамки на Народниот театар во градот. Средствата за реализација на овие проекти изнесуваат 123.775.000 денари и се планирани во буџетот на Министерството за 2025 година.
Дополнително, Владата ја разгледа и Информацијата од Министерството за транспорт во врска со планот за набавка на 120 еколошки автобуси за потребите на јавниот превоз. Од нив, 80 ќе бидат наменети за ЈСП-Скопје со цел обнова на возниот парк, додека останатите 40 ќе бидат распределени меѓу општините врз основа на нивните реални потреби и економската оправданост.
Според владините претставници, оваа иницијатива ќе придонесе за модернизација на јавниот транспорт, подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните, како и за намалување на загадувањето и поттикнување на одржлив урбан развој.