Министерството за внатрешни работи (МВР) спроведе акција во која беше уапсен полицаец од редовите на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски. Според официјалните информации, осомничениот А. С од Велес се сомничи за неовластено споделување службени информации и изнуда, а против него е поднесена кривична пријава.
Како што информираат од Владата, случајот е потврда дека борбата против криминалот е неселективна, без разлика на тоа дали станува збор за службено лице или некој од најблиското опкружување на носителите на власта.
Според полицискиот билтен, на 30 март 2025 година, по добиени сознанија за можно кривично дело „оддавање службена тајна“ (член 360 од Кривичниот законик), полициски тим од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, во координација со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, спроведе истрага и изврши претреси на неколку локации.
Во акцијата, на паркинг пред хотел во Велес, полицијата затекнала две лица – А.С кој е вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти, и уште едно лице со иницијали Б.К. При претресот на нивното возило, марка БМВ, бил пронајден ранец со службени документи од МВР, како и мобилни телефони кои веднаш биле одземени.
Дополнителни претреси биле извршени и на други локации, при што биле запленети електронски уреди и материјали поврзани со истрагата.
Првичните наоди на истражните органи укажуваат дека осомничениот полицаец постапувал спротивно на законските регулативи, односно неовластено поседувал и споделувал доверливи информации со трети лица, со што, според МВР, го прекршил Кривичниот законик.
По завршената истрага, Одделот за внатрешна контрола на МВР најави дека на 31 март 2025 година ќе поднесе официјална кривична пријава против А.С, кој ќе одговара за оддавање службена тајна.