Скопје, 30 март – Серијата безбедносни инциденти што ја потресоа Македонија, како и катастрофалната трагедија во Кочани, ја разоткрија состојбата во институциите и го ставија под знак прашање функционирањето на безбедносниот систем во државата.
На денешната прес-конференција, СДСМ побара одговорност од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и неговиот тим, посочувајќи дека Министерството не презема доволно мерки за превенција и контрола.
„Мора да има одговорност, како согласно законите, така и морална одговорност. Безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена, а институциите не реагираат на време,“ порачаа од СДСМ.
Покрај трагедијата во Кочани, каде што загинаа 59 млади луѓе, а над 200 беа повредени, опозициската партија посочи на зачестените инциденти во последните денови – пукања, убиства и сообраќајни несреќи со тешки последици.
„Во Прилеп, вработена во Центарот за социјални работи беше ранета од огнено оружје. Во селото Моране имаше уште едно пукање со повреден. Во Скопје беа прегазени жена и дете, а низ целата држава се случија над 20 сообраќајки со жртви и повредени,“ наведуваат од СДСМ.
Партијата смета дека превентивните механизми на МВР потфрлиле и дека е неопходна итна смена на раководството за да се врати чувството на сигурност кај граѓаните.
„Граѓаните мора да се чувствуваат безбедно на улиците, а институциите мора да бидат во служба на народот. Затоа бараме оставка од министерот Панче Тошковски,“ заклучија од СДСМ.