Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, упати честитка по повод големиот исламски празник Рамазан Бајрам до сите граѓани од исламска вероисповед, посакувајќи им добро здравје, радост, среќа, мир и спокој во нивните семејства.
„Рамазан Бајрам е празник на солидарноста и хуманоста, кој потсетува на важноста на воздржаноста и грижата за оние кои имаат помалку. Овој празник ни покажува дека преку добри дела, заемно почитување, трпение и меѓусебно разбирање можеме да ги надминеме предизвиците“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата останува посветена на негувањето на културата, традицијата и различностите, но и на реализацијата на проекти што ќе донесат економски развој и подобар живот за сите граѓани.
„Заедно, преку соработка, соживот, толеранција и вистински вредности, ќе продолжиме да ја градиме Македонија во попросперитетна држава. Сите заедно мораме да го смениме системот кој предолго ги оставал граѓаните без правда, достоинство и еднакви можности“, порача премиерот.
На крај, тој им посака на сите припадници на исламската вероисповед да ги поминат празничните денови во добро расположение, благосостојба и мир.
Честит Рамазан Бајрам!