„Борба за работниците или за лични привилегии? Синдикалните лидери на удар“

ВМРО-ДПМНЕ со критики кон синдикалецот Деаноски: „Зема четири пати поголема плата од минималната“

Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска остро го критикуваше претседателот на синдикатот УПОЗ, Трпе Деаноски, тврдејќи дека тој прима значително висока плата додека јавно зборува за правата на работниците.

Во соопштението на партијата се наведува дека Деаноски, заедно со лидерот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, всушност работи во интерес на опозициската СДСМ, а не на работниците.

„Според информациите со кои располагаме, Трпе Деаноски прима плата од 104.000 денари месечно, што е четири пати повеќе од минималната плата. Дополнително, во периодот од 2024 година до првите два месеци од 2025 година, тој добил вкупно 1,8 милиони денари за плати и додатоци“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата го обвини Деаноски дека, иако јавно се залага за зголемување на минималната плата, самиот живее привилегирано, при што во изминатата година инкасирал еквивалент на 69 минимални плати.

Оваа реакција доаѓа во време кога синдикатите се активни во организацијата на протестот најавен за 2 април, на кој ќе се бара поголемо усогласување на платите во јавниот сектор.

Од УПОЗ и ССМ досега не одговорија на најновите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ, но претходно реагираа дека Владата самоволно донела одлуки во врска со минималната плата, без согласност на синдикатите.

Споделете