Денеска, со почеток во 11 часот, пред македонското Собрание ќе се одржи граѓански собир во организација на иницијативата „Кој е следен“. Настанот е замислен како отворен простор за сите граѓани кои сакаат јавно да ги изразат своите ставови, критики или барања.
Организаторите најавуваат дека микрофонот ќе биде отворен за секој што има што да каже, без разлика дали станува збор за поддршка, револт или лично мислење за актуелните општествени случувања.
„Додека тие заминуваат на одмор, ние остануваме тука – затоа што демократијата не смее да оди на одмор. Ова е можност граѓаните да го изговорат она што долго време го чуваат во себе“, порачуваат од иницијативата.
Според најавите, собирот ќе трае сè додека има граѓани кои сакаат да го искористат микрофонот и својот глас да го споделат пред институцијата што треба да ги претставува.
„Не чекајте да ве повика некој. Ова е вашиот повик. Ако имате што да кажете – дојдете и кажете“, стои во повикот на иницијативата „Кој е следен“.