Вести

Во екот на националната трагедија во Кочани, каде 59 лица го загубија животот, Владата склучила договор вреден 400.000 евра за анкети и мерење на политичкиот рејтинг на премиерот Христијан Мицкоски. Ова го обелодени опозициската СДСМ, обвинувајќи ја Владата за непочитување на чувствата и потребите на граѓаните.

„Додека граѓаните собираат донации за семејствата на загинатите, додека нема опрема за пожарникарите и недостасуваат ресурси за основни услуги, Владата се расфрла со стотици илјади евра за политичка пропаганда,“ порачаа од СДСМ на денешната прес-конференција.

Според опозицијата, јавната набавка ја добила агенцијата „Маркет Вижн“, која во континуитет објавува анкети со високи бројки за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ тврдат дека овој тендер е уште еден доказ за, како што велат, „режимска матрица за манипулирање на јавното мислење“.

„Парите кои можеле да одат за опрема за пожарникарите, за поддршка на студентите или за пензионерите, Владата ги троши за да си купува политичка слика. Народот донира од 100, 200 денари, а тие плаќаат 400.000 евра за анкети,“ велат од СДСМ.

Оваа информација доаѓа во време кога голем дел од јавноста е во состојба на тага и револт по трагедијата во Кочани, а институциите апелираат за финансиска помош и поддршка за погодените семејства.

Од Владата засега нема реакција на обвинувањата.


 

Споделете