Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека ќе покрене иницијатива за одржување лидерска средба со лидерите на најголемите политички партии во земјава. Целта, како што истакна, е да се разговара за заеднички настап на локалните избори во Кочани и можноста сите партии да застанат зад независен кандидат за градоначалник.
Филипче го најави овој предлог во текот на гостувањето во хуманитарното студио на Канал 5, каде што се собираа донации за граѓаните на Кочани, погодени од неодамнешната трагедија.
„Верувам дека во моменти како овие, граѓаните очекуваат да видат надпартиска одговорност и соработка. Ќе предложам сите партии да поддржиме еден, независен кандидат за градоначалник на Кочани“, изјави Филипче и најави дека веќе следната недела ќе ги покани лидерите на партиите на состанок.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се отворени за разговори, но дека очекуваат поканата за средба да биде испратена преку официјални канали. Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, исто така порача дека Владата ќе поддржи секоја иницијатива која е во интерес на граѓаните.
Партијата ЗНАМ најави дека ќе донесе одлука за учество на лидерската средба по официјално добивање на поканата.
Лидерската средба, доколку се одржи, би можела да донесе нов модел на политичка соработка во услови на тешки моменти за граѓаните.