Минималната плата од април ќе се зголеми за 1.812 денари и ќе изнесува 24.379 денари, но одлуката е донесена без консултација со синдикатите – што, според Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), претставува преседан.
Од синдикатите реагираат дека за првпат од 2012 година минималецот се зголемува без учество на претставниците на работниците и работодавачите. Трпе Деаноски од УПОЗ вели дека ова може да стане практика доколку не се воспостави вистински социјален дијалог.
„Ова е првпат да се случи вакво нешто, но со оглед на состојбите во државата, веројатно нема да биде последен. Во петок ќе одржиме седница на ССМ, на која ќе ги утврдиме следните чекори“, изјави Деаноски.
Од Министерството за економија пак, сметаат дека одлуката е оправдана. Според заменик-министерот Марјан Ристески, моментално ниту еден синдикат нема репрезентативност, што ја ограничува можноста за формални консултации.
Инаку, минималната плата во Македонија се пресметува секоја година во март, врз основа на 50% од просечната исплатена плата и 50% од порастот на трошоците за живот во претходната година.
ССМ претходно бараше минималната плата да се зголеми на 500 евра, со дел од придонесите покриени од државата во рок од 12 месеци. Македонија и понатаму останува меѓу земјите со најнизок минималец во регионот, што е дополнителен аргумент на синдикатите за потребата од посериозен пристап кон економско-социјалните политики.