Синоќа се одржа седница на Централниот одбор на СДСМ, на која главна тема беа актуелните состојби во земјата по трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 лица.
Членовите на Централниот одбор со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите и изразија сочувство до нивните семејства. На состанокот беше истакнато дека истрагата за несреќата мора да биде темелна, независна и неселективна.
Критики за текот на истрагата
СДСМ изрази загриженост дека тековната истрага е селективна и фокусирана исклучиво на поранешни функционери, додека актуелните носители на одлуки не се опфатени. Според партијата, ова го поткопува довербата на граѓаните во институциите и правосудниот систем.
„Селективноста не е правда, туку неправда“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека ќе ги искористат сите демократски механизми, вклучително и анкетна комисија во Собранието, за утврдување на сите факти и политичката одговорност за трагедијата.
Внатрепартиските избори закажани за 6 април
На седницата беше донесена одлука внатрепартиските избори за нов лидер на СДСМ да се одржат на 6 април. Претходно, тие беа одложени поради трагичниот настан во Кочани.
Партијата најави дека во наредниот период ќе продолжи да бара правна и политичка одговорност за несреќата, инсистирајќи на правда за жртвите и нивните семејства.
Извор: https://www.facebook.com/share/p/1KPsP3A3Vq/