16 пациенти испишани од болница, 8 се враќаат од странство – здравствените тимови подготвени за следните чекори


Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, денеска информираше дека 16 пациенти кои досега беа хоспитализирани се пуштаат на домашно лекување. Истовремено, во текот на неделава се очекува враќање на уште осум пациенти од странство, кои потоа ќе продолжат со медицинска нега во земјава.

„Во моментот, 115 пациенти се лекуваат надвор од државата. Оваа недела очекуваме осум од нив да се вратат во клиниките каде што првично беа примени, а потоа ќе бидат насочени кон соодветните установи за понатамошен третман. Минималниот престој ќе биде еден до два дена, по што ќе бидат испишани на домашно лекување. Ништо нема да оставиме на случајност. За жал, четворица од пациентите што се лекуваат во странство се во потешка состојба, но се надеваме на подобрување,“ изјави Таравари.

Состојбата на пациентите во Скопје

Според податоците, во Скопје моментално се лекуваат 46 пациенти:

  • 26 во Клиничкиот центар, од кои:
    • 3 на КАРИЛ
    • 6 на пластична хирургија
    • 11 на токсикологија
    • 2 на пулмологија
    • 2 на детска хирургија
    • 1 на торакална хирургија
    • 1 на офталмологија
  • 10 пациенти во ГОБ „8 Септември“
  • 10 во Старата градска болница

Министерот истакна дека процесот на рехабилитација за дел од пациентите веќе е започнат и дека во наредните две недели се очекува половина од пациентите кои се во странство да се вратат во земјава.

„Кај некои од пациентите веќе се изведуваат дополнителни оперативни зафати на кожата, како во нашите клиники, така и во странство. Веќе зборуваме за фаза на рехабилитација, но за тоа дополнително ќе информираме,“ рече Таравари.

Мобилни медицински тимови за пациентите во Кочани

Со оглед на тоа што поголем дел од пациентите се од Кочани, Министерството за здравство организира медицинска поддршка на терен за да се избегнат непотребни патувања.

„Тим од пластични хирурзи ќе престојува во Кочани за да ги следи пациентите кои ќе бидат пуштени на домашно лекување. Нашите лекари ќе одат кај нив, ќе ги прегледаат и ќе интервенираат кога е потребно. Дополнително, болницата во Штип веќе има четири пластични хирурзи, со кои сме во постојана комуникација за да обезбедиме соодветна медицинска грижа,“ објасни министерот.

Здравствените власти уверуваат дека редовните програми на клиниките продолжуваат без прекин и дека ќе се преземат сите неопходни чекори за да им се помогне на пациентите во нивниот процес на закрепнување.

Споделете