Трагичен епилог на случајот со Викторија Митевска од Битола: Проклетиот процес на правдата

Случајот со родилката Викторија Митевска од Битола, чие бебе Јован поради лекарска грешка живееше само пар саати, доби разочарувачки епилог кој, жално е да речам но не ме изненади. ОЈО Битола претставено од ЈО Благој Димовски цели две години водеше истрага иако законскиот лимит е петнаесет месеци. Во очаен обид да ме интимидира, обвинителот (лажно) ме пријави во адвокатска комора за наводно вадење документи и информации од истрага, која пријава Комората очекувано ја отфрли, но немаше храброст кривично да ме гони затоа што дури тогаш ѓаволот ќе ја однесеше шегата. Во петнаесет години кариера не се родил обвинител или судија кој успеал да ме заплаши бидејки се водам од девизата респект секому, веднење глава никому.
Долготрајноста на процесот обвинителот ја правдаше со спороста на Институтот за судска медицина, рака на срце тоа е и делумно точно и затоа предложивме до ЈО Благоја да поднесе предлог до судија на претходна постапка да во согласност со член 237 вештите лица да бидат парично казнети поради пробивање на рокови. Писмен одговор никогаш не добивме но усно на Викторија и е соопштено дека “така во Битола не правеле”
Кога конечно дојде дополнението на вештиот наод, наместо обвинение, за Викторија шок- за двајца гинеколози кривичната е отфрлена. За едниот- матичниот, иако наодот наоѓа пропуст бидејки МОРАЛ да ја породи кога прв пат дошла рано утрината тој ја вратил дома, сепак судска медицина смета дека тоа е прекршок, а ОЈО тоа беспоговорно го прифаќа, иако што е прекршок а што кривично дело е ПРАВНО прашање и не е во надлежност на судска медицина и покрај фактот дека вештаците наоѓаат директна каузална врска помеѓу непостапувањето на матичниот гинеколог и смрта на бебето.
За началничката пак е отфрлено бидејки формално немало доказ дека пораѓала- не била матичен гинеколог и не се потпишала никаде. Тоа што има докази дека де факто пораѓала- исказ на оштетена и сведоци, ОЈО Битола не ги заболе.
За третиот и единствен осуден гинеколог, донесена е пресуда врз основа на предлог спогодба- условна осуда со утврдена казна затвор од шест месеци која нема да се изврши ако во рок од една година не стори ново дело. Спогодбата е донесена позади грб на оштетените и противзаконски- член 483 став 2 од ЗКП е јасен дека ЈО е должен кон предлог спогодбата ЗАДОЛЖИТЕЛНО да достави писмена изјава од оштетените во однос на видот и висината на имотноправното побарување.
Ова НЕ е сторено а интенцијата е јасна- да се сокрие од оштетената за да нема врева.
Инаку осомничениот матичен гинеколог према кој се отфрли пријавата побара и од шефицата на ОЈО Битола доби изземање на предметниот обвинител само недела дена пред спогодбата со образложение дека и на други пријави кон него истиот ЈО постапувал, што патем не е основ за изземање нити е чудно, во ОЈО Битола се само пет тогаш четири обвинители. Но затоа шефица за една недела го заврши предметот.
Ова не е прв пат ЈО Оливера вака да се однесува. На предметот со починатата Јана се однесуваше идентично- ги манипулираше и лажеше ошетените, предметот го затвори со резолуција ден од вештачењето иако бевме вербално договорени да се сочекаат наши забелешки и предлози и на затворен предмет ги лажеше лугето да поднсеат предлози( а предметот затворен) па се обидуваше одговорноста да ја префрли на мене демек не сме поднеле предлози иако за тоа имав писмен докази и небаре јас водам постапка. ЈО Оливера кога тогаш ќе МОРА да ме погледне во лице и од тоа бегање нема.
Во меѓувреме нужно е да реагира Советот на јавни обвинители за ваквото незаконито постапување. За отфрлениот дел поднесов жалба до ВЈО Битола и не би прејудицирал одлука додека не ја добијам на писмено.
Дополнително судот НЕ Е во обврска да ја прифати спогодбата ако смета дека санкцијата е несоодветна. Е штета, сметал дека е. ОЈО Битола и Основен суд Битола дами и господа, на Ваше располагање!!!

 

Споделете