Интервју со Петар Милетиќ, член на претседателството на СНСМ и директор на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија
АЕРОДРОМЦИ: Господине Милетиќ, пожарот во Кочани предизвика сериозна загриженост кај граѓаните. Има ли информации за причините и како институциите реагираа на оваа ситуација? Дали сметате дека системот за справување со вакви катастрофи е на соодветно ниво?
Петар Милетиќ : Прво, пред се, сакам да изразам длабоко и искрено сочувство до семејствата на сите кои беа дел од несреќната трагедија која ни се случи во Кочани и брзо закрепнување на повредените. Со информации од и за истрагата не располагам и не сакам да шпекулирам, како што тоа го прават одредени поединци и мали групи, за кои верувам дека се дебело платени, со цел да се профитира и политички и финансиски на сметка на болката и страдањето на жртвите и нивните семејства. ЗГРОЗУВАЧКИ. Реакцијата на институциите беше на завидно ниво, со оглед на фактот дека системот и институциите во последните 7-8 години беа буквално руинирани. Министерот за внатрешни работи и неговиот тим, со натчовечки напори и искрени и чесни намери, неселективно, експресно реагираа прибирајки докази, со цел во најкус можен временски период обвинителството и правосудните органи да можат да ја утврдат вината, и одговорните за оваа трагедија да бидат изведени пред лицето на правдата. Здравствените институции со оглед на капацитетите и ресурсите со кои располагаат, изреагираа најпрофесионално и пожртвувано за да спасат што повеќе човечки животи. Да не заборавиме дека здравството беше менаџирано непрофесионално и осакатено од претходната гарнитура, но благодарение на малкумина професионалци кои се останати во државното здравство и ангажманот на владата, предводена од Премиерот, реорганизацијата и реакцијата беше брза и се спасија многу животи.
АЕРОДРОМЦИ: Актуелната политичка ситуација во Македонија е напната, со зголемена реторика и тензии меѓу партиите. Како ја оценувате моменталната состојба и дали гледате простор за политички дијалог кој би ги намалил поделбите во општеството?
Петар Милетиќ : Актуелната политичка ситуација во Македонија е вештачки напумпана од страна на опозицијата и други маргинални групи, со цел да се дефокусира јавноста која е свесна за нивните корупциски скандали и неодговорно работење во минатото. Нивната дрскост оди до тој степен, да тие ангажираат и дебело плаќаат (од народни украдени пари) квази експерти кои предводат квази медиуми за да шират паника, лаги и лажна надеж, таргетирајки ги младите и користејќи несреќи. Истите тие “политичари” и групи ги користат овие тешки моменти во државата, за дефокусирање на јавноста за да можат непречено да си тераат хотелиерски бизниси по Европа, Македонија и Дубаи. Простор за политички дијалог има секогаш, но за дијалог се потребни две страни и чесни намери. Но потенцирам, дека нема дијалог со корумпирани индивидуи и партии кои се нивна продолжена рака и кои овозможуваат криминалот непречено да цвета и истиот да го сокријат.
АЕРОДРОМЦИ: Во Србија веќе неколку недели има протести против власта, а слични повици се појавуваат и во Македонија. Дали сметате дека постои организиран обид да се пренесе српското сценарио во нашата држава? Кој стои зад овие обиди, според вас?
Петар Милетиќ : Очигледно е дека на некои странски центри не им одговара Република Србија да напредува и се развива со непречено и забрзано темпо, а вклучително не им се допаѓа фактот дека претседателот Александар Вучиќ и српското раководство води самостојна и суверена политика и не се вазали на надворешните интереси. Повеќе од јасно е дека тие центри работат на разнебитување на Србија, поништување на Република Српска и дејтонскиот договор и реализација на неуспешниот проект Косово, кој е составен дел од Република Србија во Обединетите нации. Да не заборавиме дека имаат претензии и кон Војводина, и сеуште чуваат телефонски префикс. По наодите кои претседателот Александар Вучиќ ги изнесе од безбедносните служби, во оваа операција се вклучени странски центри кои имаат испумпано огромни средства преку невладини организации и домашни тајкуни. Нивната крајна цел е да предизвикаат нереди и хаос во Србија, а изманипулираната младина не е свесна за последиците и дека одработуваат за надворешни интереси и богатење на одредена група која дебело профитира од хаос и деструкција. Надворешните центри се длабоко разочарани бидејќи српските безбедносни служби ги пореметија нивните планови и сега таа анксиозност пробуваат да ја ублажат со пренесување на тие дејствија во Македонија во договор со целокупната македонска опозиција. Нивните истурени играчи се индивидуи со најмало политичко искуство, преку кои се формирани партии и имаат задача да спинуваат и шират лаги. Тука се и квази медиумчиња кои работат на принципот, колку пари толку лаги и спинови, кои се редовно финансирани од еден олигарх и некои политички партии.
АЕРОДРОМЦИ: СНСМ често е обвинувана дека работи под влијание на официјален Белград. Како ја коментирате оваа теза? Дали вашата партија има независна стратегија или координира одредени политики со Србија??
Петар Милетиќ : СНСМ е политичка партија која делува во согласност со уставот и законите во Република Македонија, и нашите политички одлуки се суверени и самостални, бидејќи ние најдобро знеме кои се проблемите и потребите на србите во Македонија. Официјален Белград никогаш не пробал да се меша или да оспори наши одлуки, бидејќи ставот на претседателот Александар Вучиќ е дека Република Србија не се меша во внатрешната политика на други држави. Како претставници на српската заедница, нормално е дека имаме комуникација и средби со раководството на Република Србија, на кои се дискутира како да се подобри економската и билатералната соработка на рамноправно ниво, и дека србите и македонците се братски народи кои постојано си пружаат рака едни на други во тешки времиња, и дека таа соработка треба да продолжи во иста насока и истата да се унапреди и да се олеснат одредени процеси.
АЕРОДРОМЦИ: Како директор на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија, кои се главните предизвици со кои се соочувате во снабдувањето на граѓаните со топлинска енергија? Има ли простор за подобрување на услугите, особено во однос на цените и стабилноста на снабдувањето?
Петар Милетиќ : Како директор на ЕСМ Дистрибуција на топлина, претпријатието го наследив во катастрофална состојба. Состојбата беше до толку очајна, да стручните тимови и инженерите беа загрижени како ќе ја поминеме оваа грејна сезона и од финансиски и од технички аспект. Благодарение на мојот ентузијазам и посветено работење, и целокупниот инженерски тим, кој беше ставен во преден план од моја страна, сите заедно како тим, со натчовечки напори, позитивна енергија, експресно се соочивме со исклучително тешките предизвици и проблеми оставени од претходното раководство, чиј фокус и интерес бил лично богатење и дистрибутивниот систем бил оставен на милост и немилост. ЕСМ Дистрибуција на топлина за првпат од незјиното постоење, оваа грејна сезона се соочи невидени предизвици, пукање на водовите А,Б и Ц кои се главна аорта на градот. Благодарение на мојата посветеност и одговорност, заедно со инженерскиот тим и тимовите за санација на дефекти, заедно на терен работевме до раните утрински часови, за скопјани непречено да добиваат дистрибуција на топлинска енергија.
Простор за подобрување и унапредување секогаш има, и оваа сезона ќе има ремонтен период кој ќе ги намали ризиците од несакани дефекти за наредната грејна сезона. Исто така се работи и на проширување на мрежата и вклучување на нови станбено-деловни објекти кон градската мрежа, со цел да се намали загадувањето на животната средина.
АЕРОДРОМЦИ: Конечно, каква иднина гледате за Македонија во следните години? Дали сметате дека државата ќе успее да ги надмине економските и политичките предизвици или ќе се соочи со уште поголема нестабилност?
Петар Милетиќ : Очекувам дека со новото владино раководство на чело со претседателот на владата Христијан Мицкоски, кој досега покажа исклучителни квалитети уште од самиот старт во борбата против корупцијата, организираниот криминал и видливи економски резултати, за Македонија има надеж, иако се оставени опашки и шут од владеењето на претходната гарнитура. Длабоко сум уверен, познавајќи го премиерот, дека несебично и максимално се посветува да ја изгради и подигне Македонија на нозе и повторно да има достоинство и чест