Управителот Александар Карадакоски, кој во моментов се наоѓа на лекување во Литванија, во јавноста бил познат како сопственик на дискотеката „Пулс“, но вистинското управување со локалот го вршел Дејан Јованов – Деко, објави емисијата КОД во своето најново издание.
Според истражувањето на КОД, официјално „Пулс“ работел под лиценца издадена на фирмата ММММ Кафе, чиј формален сопственик е Карадакоски. Сепак, вистинската контрола врз работата на дискотеката ја имал Јованов, кој претходно бил поврзан со фирмата Класик, сè до нејзиниот стечај во 2023 година.
Во јавноста долго време постоеле сомнежи и шпекулации околу сопствеништвото на „Пулс“, а најновите информации ги потврдуваат овие дилеми.
Инаку, Карадакоски е меѓу десетиците лица кои беа повредени во неодамнешниот инцидент и беа пренесени на лекување во странство. Тој е еден од четирите пациенти кои во моментов се лекуваат во Литванија.
Останува да се види дали овие нови информации ќе отворат дополнителни прашања за функционирањето на дискотеката „Пулс“ и нејзините сопственици.