Тројца поранешни градоначалници на Општина Кочани — Николчо Илиев, Ратко Димитровски и Љупчо Папазов — беа приведени попладнево, потврди Министерството за внатрешни работи. Акцијата е спроведена по наредба на Основното јавно обвинителство Кочани и е поврзана со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“. Обвинителството информира дека акцијата за приведување на осомничените ќе продолжи во текот на ноќта, а повеќе информации ќе бидат објавени по нејзиното завршување.
Денеска во Кочани беа погребани триесет и едно од вкупно 59-те жртви од пожарот во „Пулс“. Останатите загинати беа погребани во Скопје, Штип и Облешево. Погребната церемонија во Кочани започна напладне, предводена од поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан. На церемонијата присуствуваа членови на семејствата, роднини и сограѓани на починатите, а беа присутни и медицински тимови и обезбедена беше вода за пиење.
Седум повредени од пожарот беа транспортирани во Шпанија за медицински третман. Шпанската амбасада во Северна Македонија објави дека повредените ќе бидат згрижени во болниците Ла Паз и Хетафе. Во објавата се истакнува дека Шпанија стои блиску до Македонија и се солидаризира со жртвите од пожарот.