Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, поднесе оставка

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, поднесе оставка поради морални причини, откако во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 51 лице. Папазов, кој е член на ВМРО-ДПМНЕ и ја извршуваше функцијата од ноември 2021 година, изјави дека презема одговорност за трагедијата и изрази сочувство до семејствата на жртвите. Тој најави дека ќе соработува со надлежните органи во истрагата за причините за пожарот.

Почитувани сограѓани,

Во овие најтешки мигови за нашата земја и за мене лично, сакам да соопштам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на Кочани.

Оваа загуба е огромна!

Не постојат зборови што можат да ја опишат болката што ја чувствуваме сите. Тие деца беа наши деца. Ги познавав повеќето од нив, ги познавав и нивните семејства, а со дел од нив и семејни пријатели.

Шокот и скршеноста што ги чувствувам ќе траат целиот мој живот. Оваа трагедија ги остави Кочани и Македонија во црно…

Министерството за внатрешни работи започна истрага за утврдување на одговорноста за несреќата. Приведени се неколку лица поврзани со организацијата на настанот и управувањето на дискотеката. Обвинителството најави дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за да се спречат слични трагедии во иднина.

Граѓаните на Кочани се во шок по настанот и бараат одговорност од надлежните институции. Многумина се собираат пред општинската зграда, изразувајќи го својот револт и барајќи подобри безбедносни стандарди во јавните објекти. Се очекува во наредните денови да се одржат комеморации за жртвите и да се преземат конкретни чекори за подобрување на безбедноста во забавните објекти низ државата.

 

Споделете