Го гледаш. Секој ден. Стои до твојот автомобил на семафор, испружена рака, очи полни со заматена надеж. Малечко дете, босо, валкано, исцрпено. Ти станува непријатно. Брзо вртиш поглед или, во обид да си ја поткупиш сопствената совест, вадиш некој ситниш и му го пушташ в рака.
И тука завршува сè за тебе.
Но, што се случува по тоа?
Она што малкумина го знаат – или не сакаат да го знаат – е дека тие деца не се таму затоа што така сакаат. Не се таму ни затоа што немаат што да јадат. Таму се затоа што некој профитира од нив. Таму се затоа што нивниот живот има цена – 500 денари за цел ден „работа“. Да, толку вреди еден детски живот во оваа земја.
Суровата вистина за децата на улица
Тие деца не се сами. Не се оставени на судбината. Некој ги носи, некој ги контролира, некој ги држи во канџите на безизлезноста. Некои се под дејство на дрога или лепило, само за да не чувствуваат студ, глад, замор… само за да можат да издржат уште еден ден на улица. Некои од нив не се ни деца на оние што ги „чуваат“. Се рентаат како што се рента автомобил, како што се рентаат маси и столови за свадби.
Замисли го тоа. Рентано дете.
Тие деца не си одат дома навечер во топли кревети. Тие деца не одат на училиште, не играат во паркови, не знаат како изгледа нормално детство. За нив, животот е само црвен семафор, испружена рака и надеж дека ќе соберат доволно за да не бидат казнети од оние што ги „чуваат“.
Кој ќе ги спаси?
Ги гледаат сите. И полицијата, и социјалните служби, и политичарите. И ти, и јас. Гледаме, но што правиме?
Овие деца нема кој да ги заштити. Оние што треба да реагираат, премногу често вртат глава. Законот постои, но се применува ли? Колку деца се извадени од улица? Колку луѓе се казнети за оваа експлоатација?
Тивко е.
Големото прашање е: ќе дозволиме ли и понатаму ова да се случува? Ќе ги оставиме ли тие деца на милост и немилост на тие што ги продаваат како предмети? Или, конечно, ќе побараме од институциите да си ја завршат работата?
Следниот пат кога ќе застанеш на семафор и ќе видиш мало, валкано дете со тажен поглед, сети се – не им помагаш со ситните пари што ќе ги дадеш. Единствениот начин да им помогнеш е да бараш оваа сурова пракса да престане. Да притиснеме како општество, да не молчиме.
Затоа што секое дете заслужува детство. Не улица.