Уапсени Ратко Капушевски и Асмиар Јахоски, сопственик на „Пуцко Петеол“, заедно во контроверзен случај – од државен функционер до контроверзен бизнисмен!
Ратко Капушевски, познат бизнисмен и поранешен државен функционер, и Асмиар Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко Петеол“, се уапсени во заедничка операција. Причините за нивното апсење засега не се официјално потврдени од надлежните институции.
Капушевски стекна јавна препознатливост како дел од политичките структури на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Никола Груевски. На само 25 години беше поставен за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, а подоцна управуваше со Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во период од четири години.
Во 2019 година, Капушевски влезе во бизнисот со нафтени деривати, каде неговото име беше поврзано со контроверзии околу увозот на мазут. Во два одделни случаи, властите утврдија дека увезениот мазут всушност претставувал токсичен отпад. Првиот случај беше откриен на границата помеѓу Хрватска и Србија, кога германска пратка беше стопирана од хрватските цариници. Вториот случај беше регистриран во Македонија, каде што инспекциските служби утврдија дека материјалот од Словачка не одговарал на декларираните стандарди.
Во 2022 година, Капушевски беше поврзан со испораката на мазут вреден 112 милиони евра за ТЕЦ „Неготино“. Договорот вклучуваше банкарска гаранција од 945 илјади евра и одложено плаќање, што се сметаше за невообичаен услов во трговијата со горива.
Ова апсење следува по денешната координирана акција против компании и поединци кои се осомничени за набавка на мазут кој го загрозува здравјето на граѓаните и животната средина. ОЈО-ГОКК потврди дека моментално се вршат претреси на неколку локации низ Скопје, а истражните органи се ангажирани во потрагата по дополнителни докази кои ќе го разјаснат целиот случај.
Сега, заедно со Јахоски, се чекаат официјални информации за причините за нивното приведување и евентуалните обвиненија што можат да им бидат поднесени.