Почитувани,
Во изминатите 24 часа, сведоци сме на неосновани напади и навреди од страна на конкурентска болница што не се случуваат за прв пат, насочени кон нашата институција.
Јасно ни е дека со оваа тема сме засегнале нечие его, но нема да дозволам никој да се меша во нашите професионални објави и принципи на работа.
Нашата болница, со речиси 33 години успешна, чесна и професионална работа, никогаш не си дозволила да коментира или дискредитира други здравствени установи. Нашата цел отсекогаш била и ќе остане професионално напредување, инвестирање во најсовремена медицинска опрема и градење на тим составен од најквалитетни медицински кадри.
А најважното од се – љубовта кон човекот е нашето најсилно оружје.
Зошто не преферираме породување во вода?
Во сите наши одлуки, приоритет ни е здравјето и безбедноста на мајките и новороденчињата. Породувањето во вода останува контроверзна тема, но медицинските докази не се во негова корист кога зборуваме за безбедност.
Реномирани организации како American College of Obstetricians and Gynecologists (ACOG), Royal College of Obstetricians and Gynaecologists (RCOG) и American Academy of Pediatrics (AAP) имаат објавено препораки според кои јасно и недвосмислено стои:
– Породувањето во вода носи зголемен ризик од инфекции за мајката и новороденчето.
– Контролата врз феталната состојба е потешка и ограничена во вода, што може да доведе до пропуштање на знаци на фетална дистрес.
– Забележани се случаи на неонатална аспирација на вода, што може да доведе до сериозни здравствени компликации кај бебињата.
– Достапноста на брза интервенција (ако биде потребна) е ограничена во случај на итни компликации.
– Иако водата може да помогне во релаксација, аналгезиските ефекти не се докажани како супериорни во однос на другите методи на болкоумирување.
Од друга страна, природното вагинално породување во контролирани болнички услови е докажано како најсигурната опција за мајката и бебето од сите врвни институции и организации во светот. Со стручна медицинска поддршка, континуиран мониторинг и можност за брза интервенција, го минимизираме ризикот и го осигуруваме најдобриот исход.
Нашите пациенти, како и досега, ќе добијат само највисок стандард на нега и третман, заснован на докази и медицинска етика.
Немам намера да враќам на провоцирачки пораки!
Ниту навредите, ниту неоснованите напади ќе ја сменат нашата визија – да бидеме лидер во гинекологијата и акушерството, со транспарентна и етичка практика.
Изразуваме длабока почит кон сите болници и здравствени установи, вклучувајќи ги Аџибадем Систина, Ремедика, Жан Митрев Клиник, сите државни болници, како и ГАК-Скопје и Чаир, кои секојдневно ја вложуваат својата експертиза, труд и посветеност во унапредувањето на здравјето на нашите граѓани.
Медицината е професија што бара соработка, доверба и заедничка цел – обезбедување на најдобрата можна грижа за пациентите. Горди сме што со многумина од вас соработуваме успешно на различни полиња, создавајќи заеднички успеси и подобрувајќи ја здравствената услуга во нашата Македонија.
Ви посакуваме успех, напредок и уште многу години посветена и квалитетна работа.
Им благодарам на сите наши над 100.000 последователи на фејсбук и инстаграм и преку 500.000 илјади наши пациенти за довербата во изминативе речиси 33 години.
Остануваме заедно, посветени на професионалноста, чесноста и највисоките стандарди во медицината.
Со почит,
Д-р Стојан Органџиски
Директор на болница Д-р “Органџиски”