Андреас Трајковски во финалето на ЕП: Македонската атлетика доби нов херој.
Македонската атлетика слави нов голем успех! Андреас Трајковски обезбеди место во финалето на Европското првенство во атлетика во дисциплината скок во далечина, пласирајќи се меѓу осумте најдобри на Стариот континент.
Трајковски постигна фантастичен скок од 7.85 метри, со што го собори својот личен рекорд од 7.79 метри. Со овој резултат, тој се пласираше во финалето на Европското првенство, триумфирајќи во конкуренција од вкупно 17 натпреварувачи.
Иако во минатото се натпреваруваше под знамето на Данска, Трајковски во себе носи македонска крв и донесе одлука да ја претставува својата татковина на меѓународната сцена. Неговиот успех е доказ дека со посветеност и поддршка, македонскиот спорт може да создава врвни спортисти и да се бори за олимписки норми.
Македонскиот спорт има голем предизвик пред себе – да стане конкурентен во олимписките дисциплини, каде што најголемите спортски нации вложуваат огромни ресурси и врвна наука во создавање шампиони. Досега, само двајца македонски спортисти успеале да освојат олимписка норма, а единствениот олимписки медал за Македонија останува историско достигнување кое чека наследник.
Целта е јасна – освојување на олимписки норми и зголемување на македонското присуство на најелитното спортско натпреварување во светот – Олимписките игри.
Андреас Трајковски веќе испиша историја на Европското првенство, а сега цели кон нов предизвик – обезбедување норма за Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година.
Македонија има нов атлетски херој. Браво, Андреас!