Зголемена финансиска поддршка за новороденчињата во Кисела Вода – 12.000 денари и пакет производи за мајките
Во пресрет на 8 Март, Меѓународниот ден на жената, Општина Кисела Вода воведува нова мерка за поддршка на семејствата со новороденчиња. Наместо досегашните 6.000 денари, секое новороденче ќе добие двојно поголема финансиска помош – 12.000 денари.
Дополнително, за првпат, мајките ќе добиваат и специјални пакети со основни производи за првите денови од мајчинството. Овие пакети содржат неопходни производи за грижа и нега на здравјето на мајката и бебето, со цел да се обезбеди подобар почеток за секое семејство.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека оваа мерка е дел од заложбите на општината за поголема поддршка на семејствата и дека во нејзината реализација активно се вклучила и компанијата „Мако Маркет“, која ќе помогне оваа иницијатива да се спроведува во текот на целата година.
„Со оваа мерка покажуваме дека Кисела Вода е општина која се грижи за своите граѓани, особено за најмладите. Секој нов живот заслужува максимална поддршка и затоа продолжуваме со политики кои ќе го подобрат животот на семејствата во нашата општина“, порача Ѓорѓиевски.
Новата иницијатива е претставена токму на 8 Март, во чест на жените – мајки, ќерки, баби и сестри – кои со својата љубов, посветеност и труд го движат општеството напред.