Муцунски бара извинување од СДСМ, најавува правни чекори за клевета

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунск, остро реагираше на тврдењата изнесени на денешната прес-конференција на СДСМ, оценувајќи ги како „целосно невистинити“ и „грубо манипулирање со јавноста“.

 

Во објава на социјалните мрежи, Муцунски појасни дека станува збор за лажни обвинувања кои не соодветствуваат со фактичката состојба. Според него, проектот за кровната конструкција на Министерството е дел од тековното одржување со цел спречување понатамошни оштетувања и поплавување, проблем што настанал поради несоодветно одржување во минатото, кога институцијата била под раководство на ДУИ и СДСМ.

Министерот потенцира дека јавната набавка е спроведена целосно законски и транспарентно, согласно сите важечки процедури. Тој исто така ги отфрли обидите за негово лично поврзување со одлуките на други правни субјекти, оценувајќи ги како „манипулативни, тенденциозни и злонамерни конструкции“ со политичка цел.

Муцунски упати јасен повик до портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, и до партијата, во рок од 24 часа јавно да се извинат за ширењето невистини. Доколку тоа не се случи, најави дека ќе преземе правни чекори, вклучително и граѓанска постапка за клевета, навреда и нарушување на угледот.

„Како министер, останувам посветен на принципите на транспарентност, отчетност и законитост. Институциите мора да работат врз основа на факти и докази, а граѓаните заслужуваат вистински и проверени информации“, истакна Муцунски.

Споделете