ЕСЧП ГО СРУШИ СЛУЧАЈОТ „РЕКЕТ“ – БОКИ 13 НАЈАВУВА ГОНИТЕЛСТВО ПРОТИВ ЗАЕВ И РУСКОВСКА!?

ЕСЧП донесе позитивна одлука за случајот „Рекет“

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур донесе позитивна одлука по апликацијата поднесена од адвокатот Сашко Дукоски во врска со случајот „Рекет“. Со оваа одлука, судот утврди неправилности во пресудата, што го отвора патот за натамошни правни постапки.

Во јавноста се огласи Бојан Јовановски – Боки 13, кој истакна дека оваа одлука е значајна потврда за улогата на меѓународните правни механизми во заштитата на човековите права, како и во обезбедувањето фер и правично судење.

„По конечно завршување на постапката во Стразбур, заедно со мојот правен тим ќе ги преземеме сите неопходни чекори пред домашните институции со цел да се исправи историската неправда нанесена со политички мотивираната пресуда“, изјави Јовановски.

Дополнително, ЕСЧП донесе уште една позитивна одлука во врска со неговото, како што вели, незаконско притворање, нечовечно постапување и тортура. Тој најави дека ќе покрене кривични постапки против повеќе лица, меѓу кои и тогашниот премиер Зоран Заев и поранешната обвинителка Вилма Русковска, за нивната улога во случајот „Рекет“.

„Граѓаните имаат право да ја дознаат вистината за овој случај. Ќе се заложам преку законски механизми да се утврди фактичката состојба и да се добијат одговори на сите отворени прашања“, додаде Јовановски.

Со оваа пресуда, правната разврска на случајот „Рекет“ добива нов правец, оставајќи простор за нови судски постапки и потенцијална ревизија на пресудите.

Споделете