Македонија официјално влезе во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што значи дека граѓаните и компаниите отсега ќе можат да вршат трансакции во евра кон земјите членки по исти услови како во Европската унија.
Ова членство носи значителни придобивки, особено кога станува збор за намалување на банкарските провизии за меѓународни плаќања. Досега, граѓаните и бизнисите плаќаа дури шест пати повисоки такси за трансакции во споредба со оние во ЕУ. Со приклучувањето кон СЕПА, овие трошоци значително се намалуваат, а парите ќе пристигнуваат побрзо и побезбедно.
За македонските компании, ова значи полесен пристап до европските пазари, поедноставени финансиски текови и можност за поефикасно водење на прекуграничниот бизнис. Дополнително, ова ќе придонесе за зголемување на дигиталните плаќања и намалување на користењето готовина.
Влезот во СЕПА е важен чекор кон финансиската интеграција на Македонија во европскиот пазар и ќе донесе олеснувања како за граѓаните, така и за стопанството.