Несреќа во Карпош: Голема гранка падна врз дете, повреденото момче пренесено во болница
Бчера попладне во скопската општина Карпош се случи несреќа кога голема гранка од дрво падна врз дете. Настанот се случил во паркот меѓу улиците Никола Русински и Карпошево Востание, во близина на пунктот на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.
Според очевидци, момчето во тој момент си играло во паркот кога одеднаш врз него паднала сувата гранка. Детето се здобило со повреди и веднаш било пренесено во Ургентниот центар. Засега нема официјални информации за тежината на повредите.
Од Општина Карпош информираат дека дрвото од кое се скршила гранката било обележано за сечење подолг период, но досега не било отстрането. По инцидентот, општинските власти побараа од Министерството за внатрешни работи да го документира случајот и да се утврди одговорноста.
Локалните жители реагираат дека ова не е прв ваков случај и апелираат надлежните институции побрзо да реагираат за да се спречат вакви несреќи во иднина. Општината, пак, предупредува дека слични проблеми има и во дворовите на градинките, каде што има дрвја во лоша состојба, и повика на итни мерки за безбедноста на децата.